Репрезентацијата се враќа во градот на одбојката, Кипар прв противник

За разлика од последниот квалификациски циклус, во националниот состав на селекторот Никола Матијашевиќ сега се уште шестмина, вкупно 20 репрезентативци. Тренинзите ќе бидат во салата „Парк“ во Струмица каде што ќе бидат одиграни средбите од првиот турнир во нашата група А, како и завршниот на најдобрите четири тима. Фактот што „црвено-жолтите“ се сигурни учесници на него, овозможува да играат без преголем резултатски притисок на шесте натпревари во групната фаза, а со тоа постепено да ја градат потребната форма за последните два меча од Европската сребрена лига 2021.

Во групата Б се Хрватска, која го освои златниот медал во 2018 година во Скопје, Унгарија, Австрија и Луксембург.

„Притисокот сега е на играчите затоа што по подолг период се враќаме во градот на одбојката – Струмица, а струмичката јавност заслужува да се радува на голем одбојкарски резултат. Но, големите тимови ваквиот притисок го користат во своја полза и се надевам дека ќе биде така и со нас“, вели генералниот секретар на ОФМ Зоран Карановиќ.

Федерацијата е подготвена за нов подвиг на одбојкарите, посебно заради градот Струмица, каде по подолго време ќе игра националниот тим

„Се радувам што по седум години македонската одбојкарска репрезентација ќе игра во салата од каде што потекнуваат повеќе од половина од нашите играчи. Тоа за нив ќе биде голем мотив да ги остварат плановите иако нема да биде лесно. Но јас верувам дека националниот состав има квалитет да го освои златото, а тоа да биде најава за нови успеси на големата европска сцена“, изјави потпретседателот на ОФМ Стојан Иванов.

Во текот на подготвителниот период во план се и неколку пријателски натпревари, но се уште се чека потврда на можните противници и на термините. Извесно е дека репрезентацијата ќе биде заедно до седми јуни, а потоа ќе има одмор до почетокот на јули за кога се предвидени подготовките за претстоното Европско првенство, втор за нас по она во Љубљана пред две години кога против Белорусија ја забележавме премиерната победа на континенталните собири, а потоа славевме и над актуелниот европски вицепрвак Словенија. Токму тие резултати се мотивација за ново поместување на резултатската граница.