Работнички славеше во дуелот со Јанта Волеј и е прв патник во Куп-финалето!

Екипите на Работнички и Јанта Волеј денес во Радовиш се сретнаа во полуфиналниот меч од Купот на Македонија во одбојка. Бевме сведоци на интересен меч во кој Работнички беше во голема мера подобар противник и сосема заслужено славеше со резултат 3-0 во сетови (25-21, 25-12, 25-20).

Првите два сета доста бргу им припаднаа на одбојкарките на Работнички, сите одбојкарки беа на висина на задачата и скоро сите запишаа поени зад своето име. Јанта Волеј се обидуваше да парира на противникот, но Работнички со контра-напади и со одлична игра успеваше да ја уништи секоја надеж на Јанта дека може да се врати во натпреварот.

Третиот сет започна во знакот на Јанта Волеј, девојките на тренерот Јаневиќ имаа водство од 10-6, но повторно Работнички се врати со одлична серија од шест поени по ред и стигнаа до водство од 12-10. На крилата на Јонузи и Стојанова, актуелните шампионки на Македонија се издигнаа уште еднаш и полека почнаа да го најавуваат големиот триумф на денешниот меч. 

Тренерот Јаневиќ повика и неколку тајм-аути, се обиде да ги смири своите девојки и да ги мотивира за остатокот од мечот, но сепак Јанта Волеј не успеа да приреди некое поголемо изненадување, а во овој дел од мечот одлична беше Јонузи која забележа 10 поени, шест асови и три блокади. 

Иако се очекуваше поголема битка, сепак може да се каже дека Работнички дојде многу лесно до победата во полуфиналето. Одлична колективна игра го красеше тимот на тренерот Душко Деспотовски, Работнички беше маестрален и не дозволи лесни поени на Јанта Волеј. Ова беше единаесетта победа за Работнички против Јанта Волеј во последните пет сезони. 

Работнички е прв патник во големото финале кое ќе се одигра утре во 16:00 часот. Вториот патник во дуелот за Куп-трофејот ќе биде познат по одигрувањето на вечерашниот дуел меѓу Наковски Волеј и Вардар Жени.