Работнички пак ја обедини двојната круна во женската одбојка

Одбојкарките на Работнички-Жени се старо-новите шампионки на Македонија, затоа што ја добија финалната серија со ривалот Јанта Волеј од Скопје со 3-1 во победи.

Во четвртиот натпревар Работнички успеа да слави во еден драматичен меч кој траеше повеќе од два часа. Дуелот заврши со резултат 3-2 (25-20, 25-17, 19-25, 19-25, 15-5) во сетови за девојките во црвено-белата опрема во Кисела Вода.

Фаворитот на хартија имаше предност од два сета, но Јанта Волеј не се предаде и со два освоени сета во низа со идентичен резултат израмни. Сепак, во петтиот ревашачки сет, Работнички покажа целосна доминација откако отвори со 4-0.

Ова е втора година по ред Работнички да ја обедини двојната круна во македонската женска одбојка. Скопскиот тим го освои шеснаесеттиот пехар во клупската историја.