• Горан Упале
Македонскиот женски претставник ОК Работнички Скопје го заврши настапот во ЦЕВ европските клупски купови за оваа сезона. Одбојкарките на македонскиот првак со 0:3 (14:25, 11:25, 11:25) загубија од романскиот тим Алба Блај и во реваншот од 1/16 финалето во ЦЕВ куп, во „Борис Трајковски“ во Скопје.
По првиот меч пред една недела беше јасно дека се мали шансите за пласман во следната фаза, па Работнички Скопје најави дека во реваншот ќе игра за својата чест и клупските бои. Се потрудија избраничките на Душко Деспотовски да парираат најдобро што можат, но немаа решение за поквалитетниот и поискусен ривал.
Антонија Баталаковска со шест поени беше прв поентер, додека Ирма Ѓурѓевиќ и Андротеа Милевска постигнаа по четири поени.
ОК Работнички Скопје сезонава дебитираше во најсилното клупско натпреварување Лигата на шампионите, од каде беше елиминирана во двомечот со романски Волунтари во третото квалификациско коло, додека настапот во Европа го завршува по два загубени дуели од уште еден романски претставник Алба Блај во 1/16 финалето од ЦЕВ купот.