Работнички ја детронизира Јанта Волеј и ја обедини „двојната круна“!

Одбојкарките на Работнички Скопје по вторпат во историјата дојдоа до прволигашката титула и ја обединија „двојната круна“ со нова победа над Јанта Волеј во „мајсторката“ со сигурни 3-0 во сетови (25-17, 25-14, 25-21).

Јанта Волеј влезе со предност од 2-0 во финалната серија, меѓутоа откако остана без украинските одбојкарки кои си заминаа, ја испушти предноста и Работнички со три победи во низа тимот на Душко Деспотовски се врати на тронот.

Натпреварот започна со доминација на Работнички, екипата уште од старт тргна со сигурни поени и на ривалот му избега на 12-3. Јанта Волеј беше ставена во подредена позиција и цело време бркаше, но не успеа да дојде близу, па дамите во црвено-црно го добија првиот сет со 25-17.

Слична беше ситуацијата и во вториот сет, затоа што Работнички повторно отвори одлично. Идентично како и во првиот сет, се имаше предност од 10-6, потоа се поведе и двоцифрено, со 16-6, па се приведе кон мирен финиш и предност во сетови од 2-0. Третиот решавачки сет беше далеку понеизвесен и изедначен. Прв удар зададе тимот на Работнички кој се одлепи на 21-18, а потоа иако Јанта дојде на 22-21, следеше поен од сервис за 23-21, па Баталаковска со два поени го затвори натпреварот.

Капитенката на Работнички, Тамара Стојанова беше најдобра кај победникот со осум поени, Ѓурѓевиќ исто така имаше осум, пред Баталаковска со седум, додека кај Јанта, Маројевиќ која играше со повреда запиша девет поени.