• Зоран Мишевски

Европската куќа на одбојката минатите два дена беше арена за ставови, за идеи и за споделени искуства во применувањето на училишниот проект на ЦЕВ, во којшто редовно учестува и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Вкупно 25 менаџери на овој проект како претставници на националните федерации беа дел од работилницата во организација на Одделот за развој на континенталната одбојкарска конфедерација.
„По одржаната работилица, имав можност да го ревидирам она што е веќе изработено кај нас и да направам споредба со она што го прават другите федерации. Иако со Одделот за развој на ЦЕВ одржуваме редовни онлајн состаноци, овој начин на соработка дава поинаква перспектива и можност за подобро да се запознаеме со начинот на работа и примена на училишниот проект во држави коишто имаат различна култура на однесување и различно функционирање на државниот систам во споредба со нас. Сепак, целта е еединствена, а тоа е развој и запознавање со одбојка на деца во рана возраст. Споделените искуства со другите учесници оставаат простор за размислување за тоа како да го подобриме нашиот начин на работа во креативна смисла за што сум особено среќна“, изјави менаџерката на проектот кај нас, Сања Никчевиќ.
Претставниците на секоја федерација го претставија проектот во својата земја и разговараа за тоа како да се надминат потешкотиите и уште поефикасно да се реализираат поставените цели. Разменувајќи ги стекнатите знаења и анализирајќи ги сопствените практики, менаџерите на проектот ги одредуваа новите чекори коишто ќе бидат заеднички во насока на ширење на одбојката кајмладата популација.
„Дводневната работилница на сите ни даде шанса да ја препорачаме, да ја претставиме и да ја обликуваме иднината на училишниот проект на ЦЕВ. Горд сум на сите национални федерации коишто придонесуваат за изградиме подобра иднина за децата. Како раководно тело на европската одбојка, ние сме во привилегирана позиција и тоа мора да го искористиме за да им помогнеме на учителите и на тренерите да го претстават нашиот спорт на децата на најдобра можен начин“, вели раководителот на Одделот за развој на ЦЕВ, поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец, Вук Карановиќ.
Нашата земја летово ќе биде еден од организаторите на Европското првенство во сениорска конкуренција, што е најголем одбојкарски настан било кога организиран во нашата земја.