• Саше Љолес

Познати се првите репрезентации кои обезбедија место на одбојкарскиот турнир на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Покрај домаќинот САД, на олимпискиот турнир ќе настапат и петте победници на континенталните првенства во 2026 година - Полска, Јапонија, Куба, Тунис и Бразил.
Останатите места ќе бидат пополнети преку дополнителни квалификациски критериуми. Три репрезентации ќе обезбедат пласман преку Светскиот куп во 2027 година, под услов дотогаш да немаат обезбедено олимписка виза. Уште три места ќе им припаднат на најдоброрангираните селекции на ФИВБ ранг-листата по завршувањето на Лигата на нации во 2028 година, кои исто така нема да имаат претходно обезбедено пласман.
Одбојкарскиот турнир во Лос Анџелес ќе биде 17. олимписко издание на натпреварувањето и ќе се игра од 14 до 30 јули 2028 година во Анахајм.
Во меѓувреме, натпреварите во одбојка на песок ќе се одржуваат на плажата Аламитос во Лонг Бич, која ќе биде домаќин на овој дел од олимписката програма.