Поволна група на ЕП: Одбојкарите со Русија, Финска, Турција, Шпанија и Холандија!

Одбојкарската репрезентација на Македонија ги доби противниците на Европското првенство (ЕП) кое во 2021 година ќе се игра во Полска, Чешка, Финска и Словачка.

Ждрепката го испрати нашиот национален тим во посакуваната група, во Тампере, каде домаќин ќе биде Финска. Повеќето репрезентативци ја сакаа оваа група и ја добија, па покрај со домаќинот ќе играат со Русија, Холандија, Турција и Шпанија.

ГРУПА А (Краков): Полска, Белгија, Србија, Украина, Грција, Португалија
ГРУПА Б (Острава): Чешка, Италија, Словенија, Бугарија, Белорусија, Ц. Гора
ГРУПА Ц (Тампере): Финска, Русија, Холандија, Турција, Шпанија, Македонија
ГРУПА Д (Талин): Естонија, Летонија, Франција, Германија, Словачка, Хрватска

Од нашите ривали, најзвучно име е Русија која e редовен учесник на големата сцена, а на последното ЕП во 2019 година го освои петтото место. Потоа следи Холандија која на последниот настан беше десетта, ама учествуваше како домаќин, а Турција, Финска и Шпанија се селекции од наш ранг.

Евроволејот ќе се игра од 1 до 19 септември. Групната фаза ќе биде во Краков, Острава, Тампере и Талин, додека нокаут-рундата се сели во Полска и ќе се игра во Гдањск и Катовице. Првата фаза во која ќе игра и Македонија ќе трае до 11 септември, осминафиналињата се од 11 до 13 септември, потоа следи четвртфиналето (14/15 септември), полуфиналето (18 септември) и финалето и мечот за трето место (19 септември).

За Македонија ова ќе биде второ учество на едно Европско првенство, по она во 2019 година во Франција, Словенија, Белгија и Холандија, на кое за малку не се мина првата фаза со две победи и три порази.

Титулата ја брани Србија, која во балканското финале беше подобра од Словенија.