Пораз на одбојкарките на стартот од Зонските квалификации

Женската репрезентација на Македонија до 20 години загуби со 0-3 (17-25, 20-25, 16-25) од Романија во рамките од групата А, на отворањето на БВА Зонските квалификации за ЕП 2027 кои се играат во Мостар, БиХ.

Одбојкарките имаа убаво отворање на мечот и се држеа егал до 9-9, но потоа следуваше серија од 0-5 (9-14) на противникот на која во прилог и одеа и техничките грешки и проблемите со приемот во нашата игра. Романија се одлепи на 13:20 и потоа лесно дојде до предност од 0-1 во сетови.

Во вториот сет Македонија бркаше негатива на стартот (4-7) но одигра одлично во средината на сетот. Со серија изедначи на 13-13, па дури имаше и предност од 17-18. Одново ривалот нападна со сервис и со 20-25 стигна до водство од 0-2.

Во третиот сет иницијатива ја имаа Романките иако нашите репрезентативки понудија отпор во средината на сетот (10-13, 14-16) за на крајот да загубат со 16-25 за конечни 0-3 за противникот.

Македонија денес во второто коло ќе се соочи со Белорусија во дуел закажан за 14:30 часот.