Полска прва обезбеди полуфинале, совладан блескавиот Иран на Игор Колаковиќ

Светскиот првак Полска е првиот полуфиналист на Лигата на нации во одбојка за мажи, чија што завршница се игра неделава во Чикаго. Со две победи од исто толку натпревари, полските одбојкари се чекираа за полуфиналето и утре ќе го добијат својот ривал во распределбата за медалите.

По вчерашниот триумф над Бразил во пет сета, денес во второто коло во А групата, Полска ја надигра селекцијата на Иран со 3-1 во сетови (21-25, 25-18, 25-20, 25-22). Во прекрасен меч кој траеше неполни два часа, иранската селекција која ја води Игор Колаковиќ, во првиот сет блескаше, но кон средината на вториот ја загуби енергијата и потона против моќниот и физички беспрекорен полски тим.

Најдобри поединци на средбата беа Бартож Бендорж со 24 поени кај Полска и Гафур со 22 кај Иранците.

Бразил и Иран утревечер ќе се борат за второто место во групата и пласман во полуфиналето.