Полска покажа кој е светски првак и ги урна Бразилците во Чикаго

Светскиот првак Полска со победа ја започна завршната фаза (фајнал-сикс) на Лигата на нации во Чикаго. Во рамките на првото коло на групата А, во реприза од финалето на Светското првенство, Полска по спектакуларна одбојка славеше над Бразил со 3-2 во сетови (25-23, 23-25, 25-21, 21-25, 9-15).

Во двочасовна спектакуларна одбојка, фаворизираниот Бразил со нов селектор, наиде на чудесниот полски блок и претрпе неочекуван пораз. Белгискиот стручњак на полската клупа Витал Хеинен со новата генерација ја шокира фаворитската бразилска селекција.

Кај Полјаците блеснаа Колек, Музај и Коленда, а Лукарели и Валас беа најдобри кај Бразилците. Лошата игра на техничарот Бруно Резенде им се одрази на „кариоките“.

Во рамките на оваа група, во првото коло слободен беше Иран. В петок во третото коло Бразилците ќе мора да ги победат одбојкарите од Азија доколку сакаат полуфинале.