Полска подобра од Словенија во четвртфиналното одбојкарско дерби

Одбојкарската репрезентација на Полска се пласира во полуфиналето на Олимписките игри, откако со 1-3 ја совлада Словенија. Дербито на оваа фаза мина во знакот на полските одбојкари кои одиграа поквалитетно и заслужено ќе се борат за медал. Противник на момците на Никола Грбиќ во полуфиналето ќе биде поуспешниот од дуелот Бразил - Соединетите Американски Држави. Ако се сретнат со „кариоките“ тоа ќе биде нивни втор дуел во Париз, откако во групниот сегмент полските одбојкари славеа во пет сета.

Од стартот полските одбојкари влегоа подобро, а тоа резултира со константна предност од три-четири поени. Во втората третина на сетот Словенците беа на „минус два“, но со мини-серија Полска успеа пак да се одлепи и го доби сетот со 20-25. 

Голема борба понуди вториот сет, словенечките одбојкари беа константно тука-некаде, а во дел од него и водеа. Иако во завршницата на сетот Полска имаше 21-23, не успеа да го искористи тоа, па ривалот со 26-24 го затвори во своја корист за израмнување на 1-1. Во целост полските одбојкари се наметнаа во третиот сет, уште од стартот поведоа убедливо со дури осум поени, па речиси рутински со 19-25 дојдоа до 1-2.  

Четвртиот сет тргна со минимална предност, но потоа Полјаците ги презедоа работите во свои раце. Поведоа со највисоки четири разлика, а иако Словенија се врати во игра (18-18), во завршницата немаше доволно концентрација. Полска со 20-25 го доби четвртиот сет за пласман во полуфиналето. 

Најдобар поединец на теренот беше Вилфредо Леон од Полска со 20 поени, а Курек собра 19, додека кај Словенците се истакна Чебуљ со 16 поени.