• Мартин Танасковски
Одбојкарската репрезентација на Полска повторно се искачи на европскиот врв, откако во финалето на Европското првенство во Милано ја совлада Франција со 3-1 во сетови (31-29, 25-19, 20-25, 25-23).
Со овој триумф Полјаците стигнаа до третата европска титула во својата историја, а втора по ред под водство на српскиот стратег Никола Грбиќ. За Грбиќ ова е уште едно големо достигнување на клупата на Полска. Откако ја презеде репрезентацијата во 2022 година, тој веќе освои десет медали на големите натпреварувања.
Покрај двете европски титули, Полска под негово водство освои олимписко сребро, три трофеи во Лигата на нации, како и сребрен и бронзен медал од Светските првенства. Полјаците во Милано им се реваншираа на Французите за поразот во финалето на Олимписките игри во Париз пред две години и уште еднаш потврдија дека се една од најдоминантните селекции во светската одбојка.
Во натпреварот за третото место, Финска го оствари најголемиот успех во својата одбојкарска историја освојувајќи го бронзениот медал. Финците убедливо ја совладаа Словенија со 3-0 во сетови (25-23, 25-20, 29-27) и за првпат се искачија на победничкиот подиум на Европските првенства. Најзаслужни за историскиот успех беа браќата Мартилa. Ноа Мартилa беше најефикасен со 19 поени, додека Лука Мартилa додаде 17. Кај словенечката селекција најефикасен беше Рок Можич со 15 поени, додека Ник Мујановиќ натпреварот го заврши со 11 поени.