Подвиг на Словенците: Победена Полска во Катовице за ново европско финале!

Словенечката одбојкарска репрезентација се надмина себеси и вторпат по ред, вкупно третпат, ќе игра финале на Европско првенство. Во феноменалниот амбиент во Катовице, Словенија ја совлада до вечерва непоразената Полска со 3-1 во сетови (17-25, 32-30, 25-16. 37-35). Ова е второ европско финале остварено со италијански стручњак на клупата - по Џани, подвиг и со Џулијани на клупата.

Фаворизираната полска селекција одлично отвори, подобро сервираше и во Кубанецот со полски пасош, Леон беше додадена вредност. Така првиот сет заврши со 25-17 и немоќ на Словенците. Сепак, во вториот сет се играше многу израмнето, скоро поен за поен, па требаше да се одиграат 62 поени за разврска. 

Полските одбојкари пропуштија сет топка, се разигра Клемен Цебуљ, го следеше Дејан Винчиќ и од загубена ситуација, Словенија се врати да го добие сетот на разлика (20-22). Психолошки Полјаците „потонаа“, а Словенија се разгоропади. Третиот сет беше целосно нерамноправен и со лесни 25-16 го добија европските вицешампиони.

Словенија делуваше самоуверено, но Полска го подобри блокот, подобро сервираше и имаше контрола на четвртиот сет. Јаков Кочановски и Пјотр Новаковски поентираа кога беше најпотребно и Полска влезе со мала предност во завршницата. Словенците се вратија и како во вториот сет се играше на разлика. По голема драма и десетина спасени меч топки од домашната селекција, Словенија покажа натчовечки напори и славеше со 35-37. 

Натпреварот започна со несакан инцидент, откако наместо словенечката, беше интонирана српската химна. Второто полуфинале вечерва ќе го одиграат Србија и Италија.