Поддршка од федерацијата пред летните предизвици на одбојкарите и одбојкарките

Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски, заедно со потпретседателот Ивица Хаџииљоски и генералниот секретар Филип Деспотовски денес присуствуваа на првите собири на подготовките на женската репрезентација, како и на репрезентацијата до 20 години на Македонија.

„Четата е мала, но одбрана и искрено верувам во вашата желба да се покажете и себе и државата во најдобро светло. Ви посакувам добро здравје и добри подготовки. Федерацијата се потруди да обезбеди подготовките да бидат на највисоко ниво и ви посакувам убави и успешни Медитерански игри", изјави претседателот Јовановски.

Поддршка за одбојкарите и одбојкарките упати и Хаџииљоски.

„Вие сте нашето најдобро, не случајно сте тука втор циклус во низа со селекторот. Се надевам на добри подготовки, кои ќе донесат и подобри резултати. Противниците на Медитеранските игри не се силни како во Европска лига и се надеваме на некоја победа, која ќе биде подолнителен мотив и за вас и за нас".

Одбојкарките на Медитеранските игри ќе биде дел од групата Б, каде за противници ќе ги има селекциите на Турција, Грција, Алжир и Косово, додека во групата А ќе се натпреваруваат Италија, Србија, Египет, Босна и Херцеговина и Сирија.