Почнува Втората фаза и борбата за полуфиналето на женскиот одбојкарски шампионат

И покрај големите предизвици, одбојкарките го одработеа првиот дел од сезоната во предвидениот термин, па без пауза ќе ги почнат натпреварите од Втората фаза. Во главниот дел од неа, во којшто заради настап во полуфиналето шест екипи ќе играат двокружно, односно ќе има десет рунди, Вардар жени ќе тргне од пол-позицијата затоа што пренесе максимални шест победи и 18 бода, без ниту еден загубен сет. Прв предизвик за црвено-црните во овој сегмент ќе биде Универзитет во Тетово, кој е последен во ова друштво иако има ист биланс со струмичките конкуренти. Тие исто така се радуваа четирипати, па не успеаја да го разбијат водечкото скопско трио. Шанса за таков резултат ќе имаат на двата неделни меча во коишто Јанта волеј Кисела вода ќе се обиде да го одржи максималниот ефект и по пресметката со Наковски волеј, а Работнички Скопје против Струмица жени ќе го бара шестиот триумф за евентуален прогрес, или, пак, за најмалку да остане на идентична негатива во однос на водечките екипи. Претходно, вардарки немаа проблеми со тетовки на првиот сезонски дуел, а Работнички Скопје загуби сет од Струмица жени.

Во Втората фаза -2 ќе учествуваат осум екипи коишто ќе играат двокружно дома и на гости за да го одредат конечниот пласман од седмото до 14-тото место во сезоната 2020/21. Во оваа конкуренција, три екипи остварија по три победи и викендов ќе настапат во своја сала, така што доколку ја искористат предноста и ја потврдат фаворитската ролја, нема да дозволат поместувања на табелата. Дебитантот Фит фан волеј ќе го бара вториот триумф против Македонија Макс, првиот беше во три сета, а тоа важи и за Пелистер волеј против Бами Кор, со напомена дека овој пат битолчанки ќе настапат на свој терен. Тимот на Јанта волеј Форца славеше над УГД Струдент жени и во Штип, па доколку го одржи резултатскиот тренд, најмалку ќе остане третопласиран по воведот во овој натпреварувачки сегмент. На втора победа во меѓусебните соочувања сезонава се надева и Виктори волеј против Ускана, а во таков случај ќе ги задржи шансите за првите две места во ова друштво. Тоа е посакуван пласман за екипите од оваа конкуренција затоа што ќе обезбеди сигурно учество во Првата лига наредната сезона, без оглед дали ќе биде формирана Втора.

Втора фаза -1, (прво коло)
Вардар жени – Универзитет во Тетово (сабота, 13:00)
Работнички Скопје – Струмица жени (недела, 18:00)
Јанта волеј Кисела вода – Наковски волеј (недела, 19:30)

Втора фаза -2, (прво коло)
Фит фан волеј – Македонија Макс (сабота, 13:00)
Пелистер волеј – Бами Кор (сабота, 15:30)
Виктори волеј – Ускана (сабота, 16:00)
Јанта волеј Форца – УГД Студент жени (недела, 16:00)