Почнува одбојкарскиот шампионат: Вардар и Џио Струмица во мртва трка за титулата

Една недела по одбојкарките, овој викенд својот национален шампионат ќе го започнат и одбојкарите. Две екипи се издвојуваат според квалитетот, a другите ќе се обидат да парираат. Во елитата се враќа поранешниот шампион Шкендија, а го нема ланскиот финалист Шутова, откако овој клуб реши да не се натпреварува во Првата машка одбојкарска лига. Девет екипи ќе учествуваат во трката во претстојната сезона, а Вардар и Џио Струмица го носат фаворитскиот епитет.

Скопскиот тим се засили со одбојкари од најголемиот ривал, така што со нивниот ангажман оствари двоен ефект. Македонските репрезентативци Васе Михаилов, Филип Маџунков и Стојан Илиев ќе го носат црвено-црниот дрес, во него ќе биде и поранешниот репрезентативец Јовица Симовски, а покрај нив, скопската екипа обезбеди и техничар од Јапонија и либеро од Србија.

По заминувањето на Михаилов и на Илиев, Џио Струмица мораше да реагира и да ја пополнува позицијата примач, па нејзин нов член е поранешниот одбојкар на Шутова, Србинот Игор Суботиќ. Другиот дел од тимот е составен од проверени домашни одбојкари, така што нема дилеми дека во директните дуели на актуелниот првак и на Вардар ќе се бара најдобрата екипа кај нас во натпреварувачката 2019/2020.

Универзитет во Тетово минатата сезона играше во финалето, а со оглед на искусниот состав, би требало да се очекува дека ќе биде веднаш зад фаворитите. Со Дејан Симовски како коректор, со репрезентативецот Дарко Ангеловски и највозрасниот играч во лигата Предраг Ѓорковски како либеро, со некогашниот репрезентативец Зоран Ѓорѓески на среден блокер, тетовчани би требало да бидат најблиску до третото место на табелата.

Во игра за та трета позиција е и Весна Пробиштип, тим кој стандардно е во горниот дел од табелата. Минатата сезона „зелено-црните“ завршија петти и не се пласираа во разигрувањето, но сега треба да се очекува да бидат кандидати за место во водечкиот квартет.

Во есенскиот дел од сезоната ќе има девет кола, а најдобрите шест екипи напролет ќе продолжат во Првата фаза – 1, во којашто ќе се игра според принципот - секој против секого, дома и на гости во десет кола. Најдобрите четири ќе влезат во разигрувањето, а серијата ќе трае до две победи. 

Шампионатот ќе почне токму со утрешниот натпревар Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово како прв показател во поредокот зад големите фаворити.