Почнува одбојкарскиот шампионат, ќе се игра по забрзан ритам во следните два месеци

Во новата сезона во Првата машка одбојкарска лига ќе има десет екипи, една повеќе од лани, првиот натпреварувачки термин е наредната сабота, а во почетното коло нема дерби пресметки. Со интернет ждрепка денеска беше одреден календарот во најсилната македонска одбојкарска конкуренција, во којашто во првата фаза ќе има девет кола, секој викенд од 10 октомври до 5 декември.

На почетокот на сезоната, освојувачот на двојната круна од сезоната 2018/19, Џио Струмица, ќе ја пречека Лирија, ланскиот претендент на тронот Вардар ќе гостува кај Штип УГД, Универзитет во Тетово, кој минатата сезона беше во водечкото трио, ќе истрча во салата на Борец, Шкендија ќе сервира против Дибра волеј, а Весна Пробиштип ќе ја има предноста на домашниот терен против тимот на Јанта волеј, кој по едногодишна пауза повторно ќе настапува во Првата лига.

Првото дерби сезонава ќе биде средбата меѓу Вардар и Универзитет во Тетово во третото, скопските црвено-црни ќе играат со Џио Струмица во седмото, а тетовци ќе ги одмерат силите со струмичани во осмото коло.

Со оглед на здравствената криза, сите одбојкарски натпревари кај нас ќе се организираат врз основа на строгите протоколи одредени од Комисијата за заштита од заразни болести. Сите одбојкари и членовите на стручните штабови на екипите ќе направат тестови за ковид-19 пред почетокот на сезоната, а доколку има позитивни случаи, ќе се постапува според насоките на здравствените власти. На ист начин ќе биде организирана и Првата женска одбојкарска лига, чиj почеток е предвиден за 17 октомври.