По успешната соработка со ЦЕВ, ОФМ влегува во проект и со ФИВБ

Поддршката на сите одбојкарски субјекти заради долгорочен развој на македонската одбојка останува основна определба на Одбојкарската федерација на Македонија, која по позитивното искуство со училиштниот проект на ЦЕВ (Европската одбојкарска конфедерација), влезе во партнерство и со ФИВБ (Светската одбојкарска федерација). ОФМ аплицираше и доби потврда за учество во таканаречената ФИВБ проектна платформа, поконкретно во делот со име „Поддршка на тренерите за развој на националните тимови“. Администрацијата на ОФМ реши овој проект да го поврзе со македонската младинска женска репрезентација којашто се подготвува за настап на Европското првенство во 2022 година. ЦЕВ претходно одлучи Македонија да биде домаќин на овој престижен настан, па соработката со ФИВБ во овој сегмент значи дополнување на нашата амбиција за ревитализација на женската одбојка кај нас. Впрочем, доволно илустративен е насловот на проектот на ФИВБ и на ОФМ – „Сонот на македонската женска одбојка“ (Macedonian women’s volleyball dream).

„Со цел да ги постигнеме зацртаните цели, потребен ни е квалитетен лидер на екипата. Личност со одлични квалификации, професионалност и знаење, но уште поважно човек којшто може да ги инкорпорира овие карактеристики, а со тоа максимално да придонесе за постигнување на тоа што силно го посакуваме долги години. Инвестирањето во таква личност, којашто несомнено ќе биде важна алка во нашиот одбојкарски проект, недвосмислено е најважниот процес во креирањето квалитетен стручен тим, подготвен да ги поднесе сите предизвици на ЕП 2022“, со нескриена радост вели Сања Никчевиќ, проект-менаџерката од Одбојкарската федерација на Македонија.

Соработката на релација ФИВБ-ОФМ ќе се реализира во периодот од јуни 2021 до јуни 2022, но без разлика што проектот ќе ги акцентира активнистите поврзани со нашата млада женска одбојкарска репрезентација, идејата е да се работи на долги патеки, односно сево ова да биде само еден од чекорите за формирање македонски сениорски женски национален тим.