По петнаесет години Јошко Миленкоски се врати на кормилото на одбојкарите!

Машката одбојкарска селекција на Македонија доби нов селектор. По пауза од петнаесет години на кормилото на нашите одбојкари се враќа Јошко Миленкоски, најтрофејниот македонски тренер во историјата.

Актуелниот тренер на ПАОК ќе има сериозен предизвик пред себе, затоа што во текот на летото ќе ја предводи Македонија на Златната Европска лига, како и на Европското првенство за сениори, на кое нашата земја ќе биде коорганизатор заедно со Италија, Бугарија и Израел.

Миленкоски со големи успеси го води ПАОК, клуб со кој во моментов се натпреварува за шампионската титула во грчкиот шампионат.

Македонија на Европското првенство ќе се натпреварува во групата Ц, а за ривали ќе ги има светскиот одбојкарски џин Полска, поранешниот олимписки првак Холандија, како и Чешка, Данска и Црна Гора.