• Иван Димовски

Одбојкарскиот клуб Пелистер Волеј во следната сезона ќе се бори за враќање во елитата на Македонија. За исполнување на аспирациите, пристигнаа две квалитетни засилувања во Битола.
Нова одбојкарка на „зелено-белите“ е Емилија Ивановска, која доаѓа од редовите на Јанта Волеј, клуб со кој беше вицепрвак на Македонија минатата сезона. Ивановска потекнува од ОК Борец, потоа преку Форца замина во Косово, пред да се врати во земјава. Таа имаше две авантури во Јанта Волеј, како и една во Работнички. Ивановска има огромно искуство, титули во земјава и ќе биде добра адиција за пелистерки.
Второто ново име е Софија Проковиќ која има 20 години. Се работи за одбојкарка која доаѓа од американскиот универзитет Солт Лејк Комјунити Колеџ. Во минатото Проковиќ настапуваше за Ѓорче Петров Волеј, Работнички и Јанта Волеј, исто така има освојувано трофеи во првенството на Македонија и беше дел од пионерската и кадетската репрезентација.
Битолскиот клуб Пелистер Волеј минатата сезона во баражот загуби од Вардар ЕМ и ќе игра во вториот ранг на одбојкарските лиги во земјава.