Пелистер Волеј ги „бетонира“ своите одбојкарки, најави и нови засилувања

Одбојкарскиот клуб од Битола, Пелистер Волеј, сигурно чекори кон стабилен спортски колектив, кој цели кон тоа да има сериозна улога во македонската женска одбојка во иднина. Денес, раководството на прволигашот информираше дека во клупските простории потпишани се нови договори со речиси целиот ростер, а во блиска иднина планираат да доведат нови засилувања со кои ќе изборат опстанок во мак-елитата.

„Благодарение на нашиот генерален спонзор и поддржувач, гигантот „ЦЕРМАТ“ битолскиот суперлигаш ја зацврстува својата екипа на сите позиции на подолг рок. Пелистер волеј доведе едно засилување од Србија, примачот Ана Ивановиќ, а во план се и нови засилувања со кои ќе се бориме во остатокот од сезоната во пролетниот дел. Во новите клубски простории на Пелистер Волеј, премиерно, за првпат беа потпишани договори со речиси сите одбојкарки на нашиот клуб.

Потписите ги заверија техничаркита и капитен Михаела Цветановска, коректорката Ивана Белокозовска, примачот Стефани Најдановска, средниот блокер Меланија Каралиоска, како и либерото Андреа Стојановска. За првпат на подолг рок падна договор за соработка со младата коректорка Анастасија Ристевска, техничарка Билјана Јаковлевска, примачите Василикија Наумоска и Ирина Трајковска, либерата Ана Ицковска и Викторија Наловска, како и со средните блокери Сандра Дамчева и Христина Трајчевска.

На наше задоволство повратник од Данска е младата Ева Трпеновска која повторно работи со нашата екипа, а секако тука се и најискусните Ана Марија Шехи и Теодора Андоновска.
Исто така, Пелистер Волеј искажува оромна благодарност за првиот дел од сезоната и до нашите верни поддржувачи“, се вели во објавата на клубот. 

Пелистер Волеј е клуб формиран од одбојкарски ентузијасти и ростерот е полн со млади и талентирани одбојкарки од Битола, а во своите редови има само едно странско име -  Ана Ивановиќ од Србија.