• Саше Љолес

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија се подготвува за следните предизвици во Европската Сребрена Лига. Избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ досега забележаа две победи и два порази, а сега најавуваат нови добри резултати против Израел и Грузија.
Следниот турнир ќе се одигра во Струмица, а селекторот смета дека Македонија е на добар пат уште повеќе да го развива и подобрува својот национален тим.
„До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи по четири одиграни натпревари и навистина сум задодоволен. Од турнир во турнир играме сè подобро и навистина ме радува што растеме како екипа.
Многупати потенцирав дека имаме одлична атмосфера, девојките имаат убава енергија надвор од теренот, а истата ја пренесуваат во игра и си се поддржуваат една со друга, што многу значи во полето.
Во пресрет на последниот турнир работиме на корекција на некои работи кои се покажаа како проблем и не беа добри во нашата игра. Се надевам дека ќе ги поправиме и во најдобро светло ќе се покажеме на последниот турнир во годинешното издание“, вели селекторот Стефан Пауновиќ.
Репрезентацијата од Фарските Острови директно продолжи во Струмица каде тренира и деновиве во пресрет на последниот турнир.
Според распоредот, Македонија игра на 13 јуни од 19:00 часот против Израел, додека ден подоцна во истиот термин се соочува со Грузија во натпревар со кој ќе го заокружи настапот во годинешното издание од Сребрената лига.
ФОТО: Vfmkd.org.mk