• Горан Упале

Младите македонски одбојкарки го одржаа последниот тренинг пред утрешниот, историски ден за нашата одбојка поради првото учество на Европското првенство за одбојкарки до 19 години.
По триумфот над Швајцарија на последниот пријателски натпревар, расположението кај „црвено-жолтите“ беше видливо, па со умерена доза оптимизам и самодоверба, сите во македонскиот табор го најавија дебито на елитната континентална сцена.
„Ги привршуваме подготовките за овој шампионат. Ова ќе биде наше прво учество на едно Европско првенство. Штета што досега не сме играле вакви натпревари и немаме искуство од големи собири. Со победата над Швајцарија ја подигнавме самодовербата во тимот. Девојките ќе дадат сè од себе на овој шампионат за да се покажат во што подобро светло“, се зборовите селекторот Стефан Пауновиќ.
Македонија утре ќе игра со Финска, а во групата во „Борис Трајковски“ се и Италија, Грција, Полска и Словенија.