Осум желби, два пехара: Џио Струмица и Јанта Волеј главни Куп фаворити

Од петок до недела во салата „Парк“ во Струмица ќе биде одржан завршниот турнир во македонскиот одбојкарски Куп. Најдобрите четири екипи во машка и во женска конкуренција ќе се надигруваат за престижниот пехар пред камерите на Македонската радиотелевизија, а денешната ждрепка одреди полуфинале кај одбојкарите во коешто пресметка на фаворитите за трофејот е можна само во финалниот натпревар.

Најдобриот тим кај нас во последната деценија, Џио Струмица, ќе игра со третопласираниот состав во Првата лига, Вардар, а Универзитет во Тетово, којшто е на второто место во првенството, за противник го доби локалниот ривал Шкендија.

Според квалитетот, како и според досегашните резултати, очекувано финале е Џио Струмица – Универзитет во Тетово, затоа што овие две екипи ги добија сите сезонски мечеви со конкурентите во полуфиналето на купот. Кај дамите во најава се многу поинтересни пресметки.

Влез во полуфиналето обезбеди водечкиот квартет во шампионатот, Вардар жени 2019 ќе сервира против Работнички Скопје, а Струмица жени ќе оди на терен против водечката екипа во лигата Јанта волеј Кисела вода. Вардарки и освојувачките на двојнатакруна од пред две години, одбојкарките на Работнички Скопје, поделија по една победа на двата сезонски лигашки натпревара, а Јанта волеј Кисела вода славеше двапати против Струмица жени, во двата случаја на гостински терен, но за да направи уште еден чекор кон куп-пехарот, треба да оствари хет-трик во меѓусебните соочувања. Струмичанки, се разбира, имаат поинакви амбиции.

Како и да е, за очекување е да има многу возбудувања и неизвесни натпревари.