Одбојката се враќа на сцена, првите клупски мечеви за 2021 година во Купот

Откако годината почна со репрезентативен успех и со пласман на македонските одбојкари на Европското првенство годинава, а до нивната следна активност – учеството во Европската лига, на сцена повторно ќе биде домашната клупска одбојка. Вториот дел од календарот за сезоната 2020/21 ќе почне со куп-натпреварите, со осминафиналното разигрување во двете конкуренции, по што претстојниот викенд ќе продолжи првенството во двете сениорски лиги.

Со оглед дека во нашата женска одбојка има повеќе екипи, првата етапа од купот ќе биде пофрекфентна во однос на мажите. Ќе содржи шест натпревари во коишто ќе играат екипите пласирани од второто до седмото место во двете групи во есенската фаза од сезоната, а двете најдобри, Вардар жени 2019 и Јанта волеј Кисела вода, автоматски обезбедија учество во четвртфиналето. Во него ќе бидат и поуспешните од утрешните средби закажани на теренот на тимовите коишто имаа подобар пласман во првиот дел од првенството. Оттука, Работнички Скопје е голем фаворит против Бами Кор, исто како и Струмица жени во пресметката со Македонија Макс и Наковски волеј во соочувањето со УГД Студент. Универзитет во Тетово ќе се сретне со Ускана, а поголема битка може да се очекува на мечевите меѓу Пелистер волеј и Виктори волеј, односно меѓу Фит фан волеј и Јанта волеј Форца.

Како и кај дамите, реванши не се предвидени ниту во осминафиналното разигрување кај мажите. Лирија ќе се сретне со Дибра волеј, а Весна Пробиштип со Јанта волеј во единствените два натпревара од овој сегмент, додека, пак, во четвртфиналето веќе се шесте најдобри екипи од есенсата етапа од шампионатот: Џио Струмица, Универзитет во Тетово, Вардар, ГОК Борец, Шкендија и Штип УГД Штип.

Според правилата за натпреварување, за четвртфиналето е предвидена полудиригирана ждрепка, а за тој дел се предвидени два меча. Доколку резултатот во победи е нерешен, а сет-количникот е идентичен, предвиден е таканаречен „златен сет“ до 15 поени. Истиот принцип ќе важи и за полуфиналето, доколку нема желба и одлука да биде органиизиран завршен турнир на четирите најдобри.

  • Македонски одбојкарски Куп (1/8-финално разигрување-жени)

Работнички Скопје – Бами Кор (утре, 17:00)
Струмица жени – Македонија Макс (утре, 17:00)
Наковски волеј – УГД Студент (утре, 18:00)
Универзитет во Тетово – Ускана (утре, 18:00)
Пелистер волеј – Виктори волеј (утре, 20:00)
Фит фан волеј – Јанта волеј Форца (утре, 20:00)

  • Македонски одбојкарски Куп (1/8-финално разигрување-мажи)

Лирија – Дибра волеј (утре, 19:30)
Весна Пробиштип – Јанта волеј (утре, 20:00)