Одбојкарско дерби во Струмица, Универзитет Тетово посакува одмазда

Машката клупска одбојка во Македонија се враќа на сцената. По големиот успех на репрезентацијата и пласманот на Европското првенство, следи реактивација на шампионатот, каде во втората фаза се наоѓаат три екипи кои имаат амбиции за шампионската титула.

Последниот освојувач на двојната круна кај нас, Џио Струмица, во пролетниот сегмент од натпреварите во елитната конкуренција ќе влезе со желба на почетокот да добие уште едно дерби. Чека меч со Универзитет Тетово, по кој се сака да се задржи максималниот биланс, а со тоа да се направи безбедна предност во продолжението на првенството коешто ќе содржи уште 11 рунди пред разигрувањето, сметајќи ја и претстојната.

Струмичани ќе уживаат во предноста на домешен терен против Универзитет во Тетово кој од претходното гостување во салата „Парк“ замина со брз пораз. Сепак, сега тетовци ќе имаат на располагање тројца одбојкари коишто претходно го носеа дресот на Вардар, па со искусниот коректор Јовица Симовски, со новиот техничар Давид Стојанов и со перспективниот центар Тино Шулајковски, Универзитет ќе се обиде да му го нанесе првиот пораз сезонава на составот на Џио Струмица, а со тоа да се доближи на победа до ривалот. Дербито е избор за пренос на Македонската радиотелевизија која и во оваа лигашка етапа ќе биде со македонската одбојка секој понеделник.

Во другиот натпревар од Втората фаза-1, ГОК Борец утре ќе го пречека Вардар со надеж дека може да се израдува на седмиот првенствен триумф користејќи го фактот дека влијателното вардарово трио замина во Универзитет во Тетово. Управата на Вардар планира странски засилувања од Бугарија и од САД, но тие играчи ќе бидат на располагање доколку завршат административните процедури во ФИВБ, така што велешани ќе имаат реална шанса да слават во пресметката со противникот кој ги совлада во есенскиот дел.

Покрај водечката четворка којашто се надмудрува за подобра почетна позиција во разигрувањето, по зимската репрезентативна пауза, натпревариувањето ќе продолжи и за шест екипи во Втората фаза-2. Во неа ќе има двокружен систем за одредување конечен пласман во сезоната 2020/21, а и таа ќе почне со дерби на првопласираните два тима. Шкендија ќе го пречека Штип УГД Штип денеска од 19 часот, а доколку го повтори успехот од есенското соочување на гости, тетовскиот состав ќе исчекори во однос на противникот за две победи. Лирија ќе игра со Јанта волеј во Скопје со можност да дојде до второто место во оваа конкуренција, а Весна Пробиштип е фаворит кај Дибра волеј за да ја забележи третата сезонска победа.

  • Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (2.коло)

ГОК Борец – Вардар (сабота, 19:00)
Џио Струмица – Универзитет Тетово (понеделник, 16:30)

  • Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (2.коло)

Шкендија – Штип УГД Штип (денес, 19.:00)
Јанта волеј – Лирија (сабота, 18:00)
Дибра волеј – Весна Пробиштип (сабота, 15:00)