Одбојкарскиот селектор Матијашевиќ ја презема клупата на ПАОК

Никола Матијашевиќ, селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, ѝ се враќа на клупската одбојка и е назначен за нов тренер на грчкиот прволигаш ПАОК.

Искусниот стратег со кого Македонија обезбеди две Европски првенства ќе има задача да ја „оживее“ сезоната во редовите на солунскиот клуб, затоа што во последниот период ПАОК бележеше лоши резултати и зад лидерот Олимпијакос заостанува цели 11 бода. 

67-годишниот Матијашевиќ поголемиот дел од својата тренерска кариера ја мина водејќи екипи од Франција, а работеше и во Тунис и Летонија. На клупата на Македонија седна во 2018 година и под негово водство обезбедивме историско прво учество на Европскиот шампионат во 2019 година, а меѓу најдобрите на стариот континент ќе бидеме и на претстојниот собир.