• Мартин Танасковски

Односот на силите во македонската одбојка и досегашните резултати во првенството ги наметнаа епитетите на полуфиналните натпревари во купот за тековната сезона. И кај мажите и кај дамите ќе има по едно дерби и по еден меч со асполутен фаворит.
Бранителот на ланската титула, Струмица Никоб, ќе игра со Универзитет во Тетово, а ГОК Борец ќе се сретне со Шкендија во сегментот на најдобрите четири кај одбојкарите. Струмичани имаат најголеми шанси да го кренат пехарот, па се освен финале за нив ќе биде спортско чудо, додека, пак, во пресметката на ГОК Борец и на Шкендија се очекува голема борба знаејќи дека велешани, кои се трети на табелата во лигата, пролетва победија на гостувањето кај второпласираниот состав од Тетово.
Во женска конкуренција три екипи се кандидати за пехарот, а среќа на денешната ждрепка имаше Наковски волеј кој во полуфиналето го доби тимот на Вардар жени – финалистот од 2021, но сега учесник во втората половина од натпреварите во Првата лига. Поинтересно ќе биде во пресметката меѓу последните два освојувача на трофејот – ланскиот Работнички Скопје и Јанта волеј.
Завршниот турнир од Купот ќе биде одигран во Радовиш од 23 до 25 март. За првиот ден се планирани машките полуфинални средби, в петок на сцена ќе бидат дамите, а в сабота двете финалиња. Сите натпревари ќе бидат емитувани во живо на Македонската телевизија.