Одбојкарскиот гениј заминува во пензија, Бразил го испрати славниот „Брунињо“

Одбојкарската репрезентација на Бразил доживеа елиминација од Олимписките игри откако загуби од селекцијата на САД, а тоа воедно и автоматски значеше крај на богатата кариера за легендарниот Бруно Резенде, кој е син на славниот тренер, Бернардо Резенде. 

Трофејниот репрезентативец најави дека овој настап ќе биде последен во неговата кариера, а фановите испратија пораки со поддршка и голема благодарност до нивниот омилен „Брунињо“. 

„Не сакав да завршам на ваков начин, сакав крајот да биде трофеен, но одам во мирна пензија, знаејќи што остварив и колку радост донесов за мојата земја.

Во текот на целата кариера се трудев да играм на највисоко можно ниво и мислам дека успеав во тоа. Бев скоро дваесет години дел од репрезентацијата и неизмерно сум горд на сите освоени трофеи“, напиша Бразилецот на својот инстаграм профил. 

Капитенот Бруно Резенде ја носеше лентата од 2013 година. Тој е еден од најтрофејните играчи во светот, настапи на пет Олимписки игри (освои злато во Рио и сребро во Лондон и Пекинг), четири пати беше светски шампион, а има и две титули од Светскиот куп. Важи за една од најголемите спортски ѕвезди во јужноамериканската држава.