Одбојкарски викенд без Вардар и Џио Струмица, тетовчани можат да побегнат на врвот

Ако се имаат предвид досегашните резултати, Весна Пробиштип и ГОК Борец ќе го одиграат натпреварот со најголема можност за влијание на табелата во Првата македонска машка одбојкарска лига. Велешани досега забележаа две победи, а покрај очекуваната со Дибра волеј, особено важен беше триумфот над Лирија во минатото коло, по којшто ГОК Борец се наметна дури и во трката за четвртото место. За да се случи тоа, потребен е успешен настап кај Весна Пробиштип, а во спротивно, зелено-црните ќе слават вторпат сезонава и ќе се изедначат со утрешниот ривал. Пробиштипјани ја искористија својата сала против Јанта волеј, но потоа загубија два меча, меѓу нив и тој со Шкендија, така што по оваа рунда не можат да сметаат на влез во правата четворка. Тоа не може да го стори ниту ГОК Борец, но неговата можност за изненадување во понатамошниот тек од сезоната е за нијанса поголема затоа што досега не играше со Шкендија, која им прави друштво на трите фавризирани екипи за пласман во елитниот натпреварувачки сегмент напролет.

Во саботната програма ќе има уште е еден меч, Лирија ќе го пречека составот на Штип УГД Штип со надеж дека ќе ја забележи првата сезонска победа. Тимот од Жеровјане лани конкурираше за настап во разигрувањето, но овој пат рано ги загуби шансите за прогрес откако беше поразен од Шкендија и од ГОК Борец. Штипјани, пак, досега играа натпревари со предвидлив резултат, двапати загубија од фаворитите Вардар и Универзитет во Тетово, а победија против аутсајдерот Дибра волеј, па со втор успех едноподруго, можат да се надеваат дека ќе го притиснат ГОК Борец на петтото место на табелата.

За вовед во четвртото коло, денеска во Скопје, Јанта волеј ќе го пречека Универзитет во Тетово, кој е расположен по убедливата гостинска победа во дербито над Вардар во понеделникот. Иако не успеаја да го надминат поен-количникот на Џио Струмица, а со тоа да го преземат водечкото место, тетовци се фаворити на гостувањето во Кисела вода и доколку ја потврдат улогата, барем привремено, ќе ја преземат лидерската позиција. Јанта волеј досега ги загуби трите натпревари од коишто два беа со објективно посилни состави, а првиот на теренот на Весна Пробиштип, па не му преостанува друго освен да се обиде да одигра растоварено и да го поправи впечатокот.

Поради учеството на Џио Струмица и на Вардар во Челенџ купот на ЦЕВ, овој натпреварувачки викенд во нашата одбојка ќе содржи три натпревари. Струмичани в понеделник и во вторник ќе гостуваат во Никозија кај Омонија, па со Шкендија ќе играат в четврток, додека Вардар во вторник и в среда ќе игра со Калцит Камник во Словенија, така што натпреварот со Дибра волеј ќе го одработи во друг термин.

Четврто коло:
Јанта волеј – Универзитет во Тетово (денес, 18:00)
Весна Пробиштип – ГОК Борец (сабота, 18:00)
Лирија – Штип УГД Штип (сабота, 19:30)
Џио Струмица – Шкендија (5 ноември)
Дибра волеј – Вардар (одложено)