ВИДЕО: Одбојкарски тренер удри малолетничка и доби суспензија, а постапка отвори и полицијата

Одбојкарскиот тренер Хамит Мирзабеков доби двегодишна забрана за работа во натпреварувањата под надлежност на Одбојкарската федерација на Казахстан. Причината за тоа беше физички напад на малолетна одбојкарка за време на натпревар во Павлодар.

Инцидентот се случил откако девојчето, родено во 2009 година, направило грешка во играта. Мирзабеков ја повикал да му пријде, а потоа силно ја удрил по главата. Снимката од недозволениот чин се прошири на социјалните мрежи, по што следуваа санкции за тренерот и академијата во која работел.

Организаторот доби укор и парична казна поради недоволен надзор, додека Мирзабеков доби отказ по околу шест месеци работа во академијата во Шимкент. Полицијата соопшти дека е отворена постапка поради физичко насилство врз малолетно лице, а надлежните органи продолжуваат да ги утврдуваат околностите на инцидентот.