Одбојкарски кошмар: Македонија остана без злато во Сребрената европска лига!

Одбојкарската репрезентација на Македонија не успеа во новата намера да освои злато во Сребрената европска лига и во финалниот натпревар загуби од Данска со 1-3 во сетови (25-23, 19-25, 25-27, 19-25) во меч кој се играше во салата „Парк“ во Струмица и тоа пред публика.

Во шестото учество на завршницата Македонија влезе како домаќин и со големи амбиции за злато, меѓутоа сонот се претвори во кошмар и продолжи „проклетството“. Ниту еднаш Македонија не била шампион, а учествуваше пет пати претходно. Трипати беше сребрена, еднаш бронзена, а во 2018 година финишира како четврта. Тоа значи дека Македонија го загуби четвртото финале во оваа конкуренција.

Нашиот одбојкарски тим по тешка борба го доби првиот сет со 25-23, меѓутоа, во вториот сет нашите дефанзивци не најдоа лек за Јенсен кој беше одличен и потпомогнат од Мадсен донесе 19-25 и изедначување во сетови. Третиот сет беше вистинска игра на нерви, но нашите попуштија во финишот. Резултатот беше 22-22, Манџуков донесе 23-22, меѓутоа Данците дојдоа до 24-24 и потоа го добија сетот на разлика за предност на мечот. Во четвртиот сет, блокот на Македонија функционираше, нападот исто така беше добар, но Данците ја имаа предноста. Беше 14-17, но по блесок на Николов и три блока во низа, Македонија дојде во шанса да изедначи, ама Љафтов погоди во аут (17-19).

Подоцна, селекторот Матијашевиќ се одлучи за тајм-аут, но тешко беше да се врати Македонија во мечот по таа нереализирана можност, затоа што психолошки тимот делуваше исцрпено на терен. На спротивната страна, Данците беа супериорни во нападот. Откако противникот дојде до меч-топка при 18-24, ја искористи втората и ја запиша победата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Македонија и Данска: 

Најдобар кај Македонија беше Никола Ѓорѓиев со 19 поени, пред Љафтов со 13, а потоа следеа Николов (12), Манџуков (9) и Милев (6 поени). Кај Данците, Матс Јенсен беше феноменален со 30 поени, пред Мадсен со 17 и Кјаер со 12 поени. За Данска ова беше прв медал во Сребрената европска лига.