• Мартин Танасковски
Летниот период ќе биде резервиран за работа, напредок и создавање нови одбојкарски таленти, откако официјално беше најавен првиот „Volleyball Camp by Elena Pandeva“, кој ќе се одржи од 12 до 17 јуни во хотелот „Истатов“ во Нов Дојран.
Кампот е наменет за млади одбојкари и одбојкарки на возраст од 10 до 18 години, а зад целиот проект стои Елена Пандева, добро познато име во македонската одбојка со богата интернационална кариера и долгогодишно репрезентативно искуство. Главната цел на кампот е младите спортисти да добијат професионален пристап кон развојот, не само преку техничко-тактички тренинзи, туку и преку едукација за дисциплина, ментална сила, лидерство и спортски карактер.
„Сакаме да создадеме средина каде младите таленти не само што ќе ја усовршат техниката, туку и ќе научат што значи да се биде професионален спортист. Во професионалниот спорт, разликата често се крие во деталите, начинот на размислување, носењето одлуки под притисок и самодовербата на теренот“, истакнува Пандева.
Програмата ќе опфати интензивни техничко-тактички тренинзи, правилен физички развој, работа на играчка интелигенција, едукативни предавања за спортска психологија, лидерство и тимски дух, дружење и рекреативни активности. Организаторите најавуваат и специјални гости, домашни и странски тренери, кои ќе го споделат своето искуство стекнато на европските терени. Покрај секојдневните тренинзи, учесниците ќе имаат можност да работат во професионална спортска средина, а на крајот ќе бидат доделени и МВП награди и признанија за најистакнатите учесници.
„Како некој што го поминал целиот пат од домашната лига до интернационална кариера и капитенска улога отсекогаш сум посакувала некој порано да ми ги каже работите што ги научив низ годините. Овој камп е токму тоа, можност да им помогнеме на младите побрзо и правилно да се развиваат“, додава Пандева.
Кампот ќе се одржи во Хотел Истатов во Нов Дојран, а бројот на места ќе биде ограничен со цел секој учесник да добие индивидуално внимание и квалитетна работа. Цената за учество изнесува 230 евра, а сите заинтересирани можат да добијат дополнителни информации на телефон +38977573225. Организаторите потенцираат дека овој проект е дел од поширока визија за развој на македонската одбојка и создавање нови генерации квалитетни играчи.