Одбојкарките со комплетна програма викендов, дербито в понеделник во Битола

Откако минатите две кола имаше одложени натпревари од објективни причини, Првата женска македонска одбојкарска лига од викендов ќе ја добие својата вообичаена физиономија, со шест натпревари во коишто ќе учествуваат и двете најдобри екипи од претходната сезона. Пресметката на Универзитет во Тетово и на Наковски волеј најдиректно ќе решава за врвот на табелата во групата А. Струмичкиот состав не загуби сет против Македонија Макс и против Јанта волеј Форца, а според досегашните меѓусебни дуели, би требало да ја има фаворитската улога пред гостувањето во Тетово. Универзитет досега одигра еден меч, забележа победа над Јанта волеј Форца, па доколку успее да го изненади ривалот, тогаш ќе може да се надева дека ќе го преземе лидерското место со оглед дека преостанатиот тим со максимален ефект – Фит фан волеј, ќе одомра во ова коло.

Водечкиот состав во моментот на прекин на ланскиот шампионат, Вардар жени, на премиерата на тековната сезона ќе истрча на теренот на Јанта волеј Форца. За црвено-црните тоа ќе биде влез во потребниот натпреварувачки ритам за достојно претставување во Челенџ купот, а за младинките од Кисела вода нов обид да одиграат добар натпревар против објективно посилна и поискусна екипа, како што беше случај и во претходните два настапа. Македонија Макс и УГД Студент жени в понеделник ќе играат за прв сезонски успех затоа што ја загубија единствената досегашна средба, струмичанки од Наковски волеј, а штипјанки од Фит фан волеј.

Во групата Б, првиот меч во тековната сезона ќе го одиграат одбојкарките на Работнички Скопје кои се фаворитки на домашен терен против Ускана. Кичевки претрпеа два максимални пораза од Пелистер волеј и од Виктори волеј, па рано ја загубија можноста да конкурираат за повисок пласман. Виктори волеј тргна со триумф, а вториот го планира против Бами Кор во својата сала. Доколку нема изненадување, струмичкиот тим ќе остане во трка за првите три позиции коишто обезбедуваат пласман во Втората фаза-1. Амбиции за учество во неа, како и реални шанси, имаат и одбојкарките на Пелистер волеј кои против Ускана и против Бами Кор не загубија сет. Во ова коло битолчанки ќе ја пречекаат Струмица жени, која исто како и Работнички Скопје и Вардар жени, ќе игра првпат сезонава. Од овој резултат ќе зависат многу калкулации во групата Б, во која што и слободниот тим на Јанта волеј Кисела вода има намера да игра во елитниот сегмент. 

Група А - трето коло
Јанта волеј Форца – Вардар жени (сабота, 13:00)
Универзитет во Тетово – Наковски волеј (сабота, 18:00)
Македонија Макс – УГД Студент жени (понеделник, 19:00)
Слободен: Фит фан волеј

Група Б - трето коло
Работнички Скопје – Ускана (сабота, 18:00)
Виктори волеј – Бами Кор (сабота, 16:00)
Пелистер волеј – Струмица жени (понеделник, 18:00)
Слободна: Јанта волеј Кисела вода