• Мартин Танасковски

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија доживеа нов пораз во Сребрената европска лига и во европските настапи во кои се врати по 15 годишна апстиненција.
Во првиот гостински дуел оваа сезона, одбојкарките загубија од Естонија со 0-3 во сетови (22-25, 20-25, 16-25) во натпревар кој се одигра во Тарту. Нашиот национален тим предводен од селекторот Пауновиќ покажа многу подобра игра против овој ривал во првите два сета во одноа на онаа во Скопје.
Во првиот се надмина границата од дваесет, а во вториот се достигна, меѓутоа не можеше да се удри онаа 25-ка која ќе ни го донесеше првиот освоен сет по реактивирањето на најдобрата женска селекција. Третиот решавачки сет, Естонките го решија во своја корист откако се одлепија на плус од осум поени (12-20) и така имаа мирен финиш. Натпреварот во Тарту траеше 55 минути.
Најдобра кај Македонија кај поентерите беше Антонија Баталановска со 12 поени, пред Марија Лазарова со седум. Симона Стојановска заврши со шест, Ејрона Јонузи имаше пет поени, исто колку и Љиља Ковачевиќ. Кај Естонките, Силвија Пертенс беше најдобра со 19 поени, пред Кристине Милиен и Лис Кулеркан со по десет поени.
Одбојкарките имаат четири порази на четири меча. И следниот натпревар ќе биде на гостински терен, овој пат против Летонија во среда од 16:00 часот.