Одбојкарките на Работнички Скопје го освоија Купот на Македонија

Одбојкарките на Работнички Скопје се освојувачи на одбојкарскиот Куп на Македонија, откако во финалето во салата „Парк“ во Струмица славеа против Наковски Волеј со 1-3 (18-25, 21-25, 25-16, 17-25). 

Тимот од Скопје, кој оваа сезона го совлада денешниот противник во сите три натпревари, започна многу подобро и во првиот сет имаше константна предност, која на крајот се покажа и како доволна за освојување на сетот со 18-25. Вториот сет започна со предност на Наковски Волеј од 3-0, но одбојкарките на Работнички најпрво израмнија на 4-4, а потоа поведоа и со 4-6. Клучната позитива во вториот сет Работнички ја направи при водство од 9-10, кога скопјанки врзаа серија од три поени по ред и побегнаа на 9-13, а таа предност на крајот се покажа како доволна за освојување на сетот со 21-25 и водство од 0-2.

Третиот сет на денешниот финален натпревар започна изедначно, по што домашните одбојкарки се одлепија на 13-8, а потоа имаа и највисоки 18-12, кои до крајот на сетот беа и зголемени на 25-14, за намалување на 2-1. Во четвртиот сет, кој се покажа и како последен, по почетните 3-3, скопјанки се одлепија на 3-5, а по тајм-маутот на Наковски и на 3-8, што беше знак за нов тајм-аут. По него, одбојкарките на Наковски волеј направија серија на поени и поведоа со 10-9, но младите домашни одбојкарки тука и застанаа. Гостинките возвратија со серија од 0-7 и поведоа со 10-16, предност која на крајот се покажа како доволна за освојување на сетот со 17-25 и конечни 3-1.

Во машкото финале, кое исто така се игра денес во салата „Парк“ силите ќе ги одмерат Џио Струмица и Универзитет во Тетово.