Одбојкарите заминаа за Софија, Деспотовски единствена измена за дуелите во Бугарија

Одбојкарската репрезентација се упати кон Софија каде во наредните два дена одново ќе ги одмери силите со Бугарија.

Нашиот источен сосед ги доби средбите кои се одиграа во Скопје, а сега како домаќин ќе претставува нов тест за избраниците на Никола Матијашевиќ. Добри вести за нашиот национален тим е кам-бекот на Филип Деспотовски кој ќе го замени Ефтим Ричлиев.

Првиот тренинг македонските одбојкари ќе го имаат денес во салата „Христо Ботев“. Утрешниот меч е закажан со почеток од 16:00 часот, а вториот дуел ќе се одржи ден подоцна во терминот од 15:00 часот.

Овие натпревари се дел од финалната фаза подготовки за квалификациските мечеви против Турција и Босна и Херцеговина, преку кои Македонија ќе брка нов настап на Европското првенство.