Одбојкарите во Крушево ќе ја темпираат формата за Евроволејот

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска се собра во хотел „Монтана“ во Крушево на стартот на подготовките за ЕвроВолеј 2026. Со исклучок на средниот блокер Филип Савовски, кој ќе пристигне на вечерниот тренинг, сите останати репрезентативци се појавија на првата прозивка на селекторот Јошко Миленкоски.

Селекторот подготовките ги отвори со статистика и податоци за подготовките кои репрезентацијата ги имала за ЕвроВолеј 2023, потенцирајќи дека ќе бара сериозност, дисциплинираност и најави напорно темпо на работа. Репрезентацијата во Крушево ја поздравија и потпретседателот на Федерацијата, Ивица Хаџи Иљоски и генералниот секретар Филип Деспотовски.

„Добредојдовте и Ви благодарам што го прифативте повикот. Посебно задоволство ми е што екипата е во истиот состав како претходно, што Миленкоски, како наш најтрофеен стратег ќе не предводи на уште едно Европско првенство и што ја задржавме компактноста. Реални сме, не гаиме илузии и свесни сме за силината на противниците со кои ќе се соочиме на ЕП, но искрено се надевам на успех и верувам дека доколку ни се прижи шанса за пласман во втората фаза ќе ја искористиме. Екипата има искуство и добро знае што значи да се игра на ЕП и поради тоа не се сомневам дека секој од вас ќе даде максимум. Ви посакувам успешни подготовки и сите здрави да го дочекате почетокот на ЕП“ – истакна потпретседателот Хаџи Иљоски.

Репрезентацијата според распоредот на 7 септември наутро патува за Софија, додека два дена подоцна против домаќинот и еден од организаторите Бугарија го отвора настапот на ЕвроВолеј 2026.

ФОТО: Одбојкарска федерација на Македонија / Вангел Тануровски