Одбојкарите со Маџунков, но без Деспотовски на двата дуели со Бугарија

Македонските одбојкари денес ќе го одиграат првиот од двата скопски натпревара со Бугарија, а вкупно четири против 14-та светска сила, како подготовка за јануарските квалификации за Европското првенство во 2021 година. По тренинзите од 15 декември досега, одработени без неколку стандардни првотимци, селекторот Никола Матијашевиќ ќе го добие првиот параметар за сегашното играчко ниво на црвено-жолтиот национален состав.

Никола и Ѓорѓи Ѓорѓиев одржаа два тренинга пред средбата со Бугарите, Филип Маџунков се рехабилитира од повредата на коленото, па најверојатно нема да биде форсиран, а Филип Деспотовски уште има клупски ангажман, што значи дека нашата репрезентација нема да биде комплетна, но и реномираниот ривал е во слична ситуација. Бугарскиот селектор, италијанскиот стратег Силвано Пранди, во арената „Борис Трајковски“ ќе настапи со комбиниран тим во којшто не се Соколов, Атанасов, Сеганов и Аспарухов. Тие ќе се приклучат на подготовките по Нова година, а Гоцев е повреден, но тоа не значи дека македонските одбојкари нема да имаат силна контрола знаејќи ја силата на бугарскиот шампионат, како и фактот дека противникот располага со голем играчки потенцијал.

Двомечот со Бугарите, денес од 18:00  и утре од 16:00 часот, ќе биде во рамки на 44. издание на традиционалниот меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, којшто и годинава е во функција на подготовките на македонската селекција за реализација на амбицијата вторпат по ред да учествува на европските првенства. Лани, во август, исто така во Скопје и на турнирот „Чајка“, нашиот национален тим ја совлада комплетната Бугарија со 3-0 (25-23, 25-21, 25-19). Претходно, во 2016-тата во Сребрената европска лига триумфиравме двапати над бугарските одбојкари, што значи дека против една од најсилните и најпочитувани светски репрезентации имаме низа од три победи. Поради здравствената ситуација, не е дозволено присуство на гледачи во арената „Борис Трајковски“.

Откако дојдоа неколку поискусни репрезентативци, селекторот Матијашевиќ одреди 16 одбојкари коишто конкурираат за настап во двомечот со Бугарија. Во споредба со составот од претходното европско првенство, за нас дебитантско, во црвено-жолто сега се одбојкарите на Џио Струмица: Лука Костиќ, Ефтим Ричлиев, Филип Савовски и Стефан Алексов, а ги нема Александар Милков, кој веќе не е меѓу кандидатите за дресот со државен грб, како и Филип Деспотовски, кој поради клупски обврски во грчката лига, ќе почне да тренира по Нова година и ќе може да игра против Бугарите на двете пријателски средби во Софија, според најновиот распоред, планирани за 5 и за 6 јануари. Квалификациите во Скопје се од 11 до 16 наредниот месец кога ќе ни гостуваат Турција и Босна и Херцеговина. За сигурен пласман во елитното континентално друштво потребно ни е прво место во групата, или, пак, второ, но со што подобар биланс затоа што на Европскиот шампионат во Полска, во Чешка, во Естонија и во Финска, ќе одат и петте најдобри второпласирани репрезентации во седумте квалификациски групи. Во една од нив е и Бугарија во конкуренција на Австрија и на Израел.