Одбојкарите се собраа на домашен погон, желбата е ново ЕП

Одбојкарската репрезентација на Македонија го имаше првиот собир пред предизвиците во квалификациите за Европското првенство (ЕП). Желбата е да се направи нов голем резултат, а тоа е место меѓу најдобрите селекции во Европа.

На почетокот на подготовките селекторот Матијашевиќ ќе работи со играчи од домашното првенство, а интернационалците коишто се основа на тимот Никола Ѓорѓиев, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Александар Љафтов и Филип Деспотовски, ќе се приклучат откако ќе завршат со клупските обврски.

Блокерот Филип Маџунков засега е повреден, но ќе биде подготвен, така што македонскиот состав би требало да ја има широчината од претходниот евро-собир. А токму овој период од тренажниот процес е можност да се наметне некој од помладите.

За време на подготовките ќе се одиграат четири тест-мечеви со Бугарија. Двата квалификациски турнири за ЕП ќе се играат во Скопје, а ривали се БиХ и Турција.

За да се дојде до ново Европско првенство, потребно ни е прво место во групата или, пак, да бидеме меѓу петте најдобри второпласирани репрезентации во седумте групи.

  • Квалификации за ЕП 2021 (распоред)

11 јануари: Македонија – Босна и Херцеговина (18:00)
12 јануари: Босна и Херцеговина – Турција (18:00)
13 јануари: Македонија – Турција (18:00)
14 јануари: Македонија – Босна и Херцеговина (18:00)
15 јануари: Турција – Босна и Херцеговина (18:00)
16 јануари: Македонија – Турција (18:00)