Одбојкарите се подготвени за Ф4: Домашниот терен е шанса за злато!

Одбојкарската репрезентација на Македонија е подготвена за завршниот Ф4-турнир кој ќе се игра во Скопје. Во домашниот терен, одбојкарите гледаат шанса за златото и промоција во повисок ранг, за првпат во нашата историја.

Прва пречка на турнирот ќе биде Хрватска, со која Македонија се среќава во полуфиналето. За противникот пофалби има селекторот Љубомир Травица, кој смета дека се работи за искусен тим чиј сервис мора да се сопре.

„Хрватска е силна селекција и веројатно најкомплетна на овој турнир. Има голем број на играчи, најголемиот дел од нив се искусни, кои настапуваат во странство и досега покажаа дека се исклучително непријатна екипа. Дури ја победија и Белорусија, но и тие имаат слаби точки, кои ние тоа ќе се трудиме да го искористиме. Нема воопшто да биде лесно, имаат одлични сервери, а токму тој елемент ќе одлучува. Треба да го скротиме нивниот сервис. Ќе биде надигрување и надмудрување за секој поен, а во дадена ситуација ќе треба да надополниме и со срце. Мора да се обидеме да го намалиме бројот на грешките, а од прв ден рековме дека сите проблеми ќе ги надоместиме со повеќе срце на терен. Сите сме фокусирани на овие два дена кои се најважни, за конечно да се оствари сонот“, рече Травица.

Збор на прес-конференцијата имаше и капитенот Никола Ѓорѓиев.

„Ни претстои најубавото, за тоа што од 8 мај тренираме и за тоа што откако го добивме Ф4 постојано зборуваме. В петок играме со Хрватска, која ја посакувавме за противник, затоа што многу подобро ја знаеме од Белорусија. Добро ги знаеме нивните играчи, Љавтов играше таму, а и нашиот селектор таму беше тренер. Се надевам дека в петок ќе бидеме во максимална форма, овие денови ќе се фокусираме на нашите предности и со срце да одиме да победиме. Потоа ќе размислуваме за сабота и златото. Нашиот сон е злато, оваа генрација веќе пет години игра заедно, имавме одлични подготовки и мислам дека ќе ја оствариме целта“, изјави Ѓорѓиев.

Македонија и Хрватска играат во второто полуфинале на 15 јуни од 20.00 часот, додека од 17.00 часот се среќаваат Белорусија и Летонија. Финалето и мечот за третото место се ден подоцна, од 16.00 и 19.00 часот.