Одбојкарите се негативни на ковид-19, почнаа со тренинзи

Откако сите тестови на ковид-19 беа негативни, македонските одбојкари денеска тренираа првпат по Европското првенство во септември лани, кога во Љубљана минавме подобро од прогнозите и ги совладавме Белорусија и вицешампионот Словенија.

Во план е претпладне да се работи на физичката, а попладне на тактичката подготовка, но селекторот Никола Матијашевиќ ќе дозира знаејќи дека во тимот не се петмина интернационалци коишто се основа во ротацијата. Никола и Ѓорѓи Ѓоргиеви, Александар Љафтов и Филип Деспотовски имаат клупски ангажмани.

Исто така и Филип Маџунков е повреден, така што во оваа фаза шанса ќе добјат помладите или оние коишто не беа во прв план во претходниот период. Од поискусните и стандардните, во полн интензитет од почеток ќе тренираат Владо Милев, Ристо Николов и Дарко Ангеловски.

Репрезентацијата ќе биде комплетна пред двата пријателски натпревара со Бугарија во Скопје на 29 и на 30 декември, што значи дека стручниот штаб ќе има неполни две недели за да ја подготви играта за соочувањата со Турција и со Босна и Херцеговина.