Одбојкарите не освоија сет кај Грција и си го отежнаа патот кон ново ЕП!

Одбојкарската репрезентација на Македонија не успеа да дојде до резултат на гостувањето кај Грција во Атина, загуби во три сета и сега не е се во рацете на нашите одбојкари во битката за место на Европското првенство.

Мечот заврши со резултат 18-25, 15-25, 25-27 во корист на „хелените“. Избраниците на Миленкоски беа најблизу да го освојат тој посакуван сет во третиот сет, кога имаа водство во повеќе наврати, во некој момент и со повеќе поени, но во финишот потклекнаа.

Сега на одбојкарите ќе им биде потребна чиста победа од 3-0 над Грузија во последното коло, а и да се поклопат сите резултати од другите групи, за да се биде меѓу најдобрите пет второпласирани селекции во групите и да се игра на нов континентален собир во низа.

Најдобар поентер кај Грците беше Андреопулос со 16 поени, пред Мухлиас со 16 поени, додека кај Македонија се истакнаа Никола Ѓорѓиев со 13 и Љафтов и Маџунков со по шест поени.

Мечот меѓу Македонија и Грузија се игра на 17 август во Скопје.