Одбојкарите на прием во АМС: Тие се пример како се бранат боите на државата

По јубилејната 70-та победа во официјалните 152 натпревари, македонските одбојкари повторно ќе играат на Европско првенство. По тој повод Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција на која свои излагања имаа директорот Наумче Мојсовски, дел од репрезентацијата и членови на Oдбојкарската федерација.

„Тимскиот дух кај нашите одбојкари, податокот дека дишат како едно, ми дава за право да кажам дека оваа репрезентација не го дала последниот збор. Тие се пример како се бранат боите на една држава, како се сака спортот, изјави директорот на АМС, Наумче Мојсовски.

Тој додаде дека Агенцијата за млади и спорт како институција ќе биде секогаш на располагање на нашите спортисти во насока на обезбедување на подобри услови за работа, но и за вреднување на постигнатите резултати.

Претседателот на Одбојкарската федерација ја истакна важноста на добрата соработка со АМС, верувајќи дека истата ќе продолжи и со новиот директор, тргнувајќи од податокот што станува збор за врвен спортист.

На пресот свои излагања имаа и Владо Милев, како и Ристо Николов кои со нескриени емоции зборуваа за успехот со самиот пласман на претстојниот континентален собир, но и за зголемениот интерес за одбојката кај помладите генерации, кои треба да бидат идните одбојкарски репрезентативци.