• Мартин Танасковски
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија се наоѓа на 41-тата позиција на најновата светска ранг-листа на ЦЕВ, на која има вкупно 89 репрезентации од сите континенти.
Во месец август нашите најдобри одбојкари одиграа два меча од квалификациите за ЕП 2025. На првиот славевме против Грузија во три сета, што ни донесе +2,86 бода, додека заради поразот од Грција загубивме 3,04 бода. Вкупно, Македонија има 100,49 бода, а пред нас се Швајцарија, Словачка, Естонија, Летонија, Мексико... Лидер во светската одбојка е Полска, пред Франција, САД, Словенија и Италија кои ја формираат најдобрата петорка.
Одбојкарките, пак, се наоѓаат на 71 позиција на рангирањето од вкупно 79 селекции. Нашата женска сениорска репрезентација која се реактивира лани со настапите во Сребрената лига уште нема освоено сет на официјалните натпревари и има осум порази од 0-3 во низа – три од Австрија, по два од Летонија, Естонија, како и еден од Грција. Пред нас е Косово, додека зад нас е Луксембург. Кај дамите прва е Италија, пред Бразил, САД, Турција и Кина.
Во младинската одбојка, женскиот У20 тим падна шест места и сега е 26-ти од 41 тим, машкиот У18 тимот е 30-ти од 36 репрезентации, У18 дамите се на 34 место од 37 тима, додека У16 дамите се наоѓаат на 29 место од 35 селекции.