Одбојкарите ја сакаат групата во Тампере на ЕП 2021

Одбојкарската репрезентација на Македонија е во исчекување на ждрепката за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во Полска, Чешка, Естонија и Финска, а желбите кај сите се различни.

Според процедурата за одредување на четирите групи со по шест репрезентации, најпрво коорганизаторите ќе изберат по еден противник, по што преостанатите 16 национални тимови ќе бидат распределени во четири квалитативни садови врз база на рангирањето на ЦЕВ од почетокот на 2020. За Македонија постојат сите опции, од тоа да биде во групата „А“ во Краков, во групата „Б“ во Острава, во групата „Ц“ во Тампере, или,  пак, во групата „Д“ во Талин.

Македонските одбојкари имаат различни желби, но мнозинството сака да одиме во Финска и да се реваншираме за поразот на 12 септември 2019 во нашето деби на европските самити.  Филип Маџунков, Васе Михаилов, Славе Наков, Владо Милев и Лука Костиќ рекоа „да“ за Финска, Александар Љафтов и Филип Николовски би сакале да играме во Полска, а од иста причина, одбојкарската традиција и квалитет, како и атмосферата на трибините доколку има публика, полскиот град Краков е избор и на селекторот Матијашевиќ иако од спортски аспект не би имал ништо против и повторно да се сретнеме со Финците.

Асистентот во стручниот штаб Душко Николиќ размислува за Чешка, а за да биде „желботеката“ комплетна, кога докторот Љупчо Петровски би го влечел топчето на ждрепката, би ја однел Македонија во Естонија.

Ждрепката за ЕП 2021 е закажана со почеток од 17:00 часот.