Одбојкарите го отвораат ЕП со Финска, па следат Турција, Русија, Белорусија...

Одбојкарската репрезентација на Македонија го дозна распоредот за првиот историски настан на едно Европско првенство (ЕП). 

Ждрепката посака нашиот национален тим да се најде во групата „Ц“, во друштво на Словенија како организатор и уште Русија, Финска, Турција и Белорусија. 

Натпреварувањето ќе започне на 12 септември, а во првото коло Македонија игра против Финска. Вториот меч е на 13 септември против Турција, додека на 14 септември ќе се игра со фаворитот во групата Русија. На 16 септември нашите одбојкари ќе се судрат со Белорусија, додека последниот меч од групната фаза е на 17 септември против домаќинот Словенија.

Сите натпревари од првата групна фаза ќе се играат во Љубљана. Покрај во Словенија, мечеви од другите групи на ЕП ќе се играат уште и во Белгија, Франција и Холандија.