Одбојкарите добија засилување, освојувач на бронза од ЕП 2017

Со оглед дека Ратко Павличевиќ има клупски обврски и по овој викенд ќе ја напушти репрезентацијата, нов асистент на селекторот Никола Матијашевиќ во сениорската одбојкарска репрезентација на Македонија ќе биде Душко Николиќ.

45-годишниот српски стратег е освојувач на бронзен медал од последното Европско првенство во Полска пред две години, тогаш во улога на прв помошник на Никола Грбиќ во машката селекција на Србија. Николиќ ќе има задача да ја открива играта на противниците и да му помогне на Матијашевиќ во подготовката на македонскиот национален тим за настапот на континенталниот самит во Љубљана во септември.

По играчката кариера во Лучани, во Партизан, во Бамби, во Будванска ривиера и во Црвена Звезда, Николиќ се посвети на тренерската работа, а во првите две сезони водејќи ја Црвена Звезда двапати освои тројна круна, односно вкупно шест пехари.

На меѓународната клупска сцена, пак, најголем успех му е пласманот во четвртиналето на Челенџ купот, откако со белграѓани го елиминираше Шамон – француската екипа којашто стана негова следна тренерска дестинација. Потоа работеше и во Финикас во Грција.