Одбојкарите без сили за изненадување против Грција за втор пораз во Европската лига

Одбојкарската селекција на Македонија забележа нов пораз во Европската лига, откако со максимални 3-0 загуби од домаќинот на вториот турнир Грција.  Во сетови беше 25-19, 25-20, 25-23.

Македонија имаше моменти на добра игра, но сето тоа беше премалку за изненадување против разиграниот домаќин. Со исклучок на првиот сет во кој противникот уште во раната фаза наметна темпо на игра и го контролираше резултатот, во останатите два сета нашите одбојкарки понудија квалитетен отпор.

Во вториот сет бевме во игра до 18-18, но Грците беа поконкретни во финишот, особено во играта на мрежата и поведоа со 2-0.

Во третиот сет Македонија имаше и водство (9-6, 10-7) но домаќинот се избори за пресврт 13-15 и таквата предност ја задржа до самиот крај за максимална победа. Никола Ѓоргиев со 11 поени и Филип Савовски со 10 поени беа најефикасни, додека Лука Костиќ и Стојан Илиев реализираа по седум поени.

Ова беше втор пораз на нашите одбојкари оваа сезона во Европската лига, по оној од Холандија на домашен терен, а имаме и две победи над Исланд и Луксембург.  Репрезентацијата вечерва се враќа во базата во Скопје, каде ќе ги продолжи подготовките за последниот турнир, следниот викенд на Косово.